Модриќ: Никој ништо не ми подари, сè заслужив со напорна работа!

Ѕвездата на Реал Мадрид, Лука Модриќ, ја освои „Златната топка“ за најдобар фудбалер во 2018 година.

Капитенот на Хрватска така го прекина десетгодишното владеење на Лионел Меси и Кристијано Роналдо, кое траеше од 2008.

„Патувањето беше многу долго и тешко, но затоа сум уште посреќен што тоа се случи. Овие награди имаат уште поголемо значење кога знаете дека никој не ви ги подарил. Мене никој не ми подари ништо. Тоа го постигнав со напорна работа“, вели Модриќ.

Хрватот мораше ептен да се помачи за да стигне до престижната награда.

„Вистина е дека морав многу работи да направам за да ја освојам наградата. Ја освоив Лигата на шампиони трипати по ред и стигнав до финалето од Светското првенство со Хрватска“, кажа Модриќ.