Ривер незадоволен што Суперкласико ќе се игра во Мадрид – најави жалба!

Циркусот околу одигрувањето на реванш-финалето во Копа Либертадорес помеѓу аргентинските великани Бока јуниорс и Ривер плејт кулминира денеска со соопштението од таборот на црвено-белите, кои изразија негодување што одложеното Суперкласико е закажано за 9 декември во Мадрид на „Сантјаго Бернабеу“.

Откако Бока јуниорс објави дека не сака да го игра финалето и бара службена титула, по инцидентите пред мечот на „Монументал“ минатиот викенд, кога беше каменуван нивниот автобус, а неколку фудбалери беа повредени, сега се јавија и од Ривер со најава дека ќе се жалат на сите одлуки на јужноамериканската конфедерација КОНМЕБОЛ.

КОНМЕБОЛ вчера и официјално го закажа Суперкласико за 9 декември од 20.30 часот на „Сантјаго Бернабеу“ и тоа со навивачи, а Ривер го казни со два меча без публика во 2019 година и парична казна од 400 илјади долари. Црвено-белите најавија жалби на сите одлуки.

„Ривер плејт сака да ја информира јавноста дека презема правни мерки со жалби на одлуките на КОНМЕБОЛ, изречени вчера од дисциплинската комисија и одлуката за презакажување на Суперкласико во финалето во Купот Либертадорес. Клубот ќе се жали на паричната казна, суспензијата од два меча и мечот што КОНМЕБОЛ веќе си го закажа“, објавија од великанот од Буенос Аирес.