Весели: Ви благодарам за поддршката и ветувам поголеми успеси во иднина!

Во Буенос Аирес се одржаа третите летни Младински олимписки игри, а за нашата репрезентација настапуваа шестмина спортисти, од кои каратистот Фаик Весели постигна голем успех и освои бронзен медал.

Весели имаше драматична борба за финалето, па несреќно загуби во финишот, откако на девет секунди доби четврто предупредување, кое значеше и крај за Весели.

Младиот каратисти се заблагодари за големата поддршка која ја добил, како и на тренерите Александар Кузмановски и Кристијан Младеновски и најави борба за медал на сениорските Олимписки игри.

„Сакам да им се заблагодарам на сите за поддршката додека бев таму. Сакам да им се заблагодарам и на моите тренери Александар Кузмановски и Кристијан Младеновски. Ветувам дека нема да престанеме тука, се надеваме на уште поголеми резултати и мислам дека ќе одиме до медал на сениорски Олимписки игри“, изјави Весели.