Јакобсен: Судиите не ни дадоа фер-шанса да се бориме против Вардар!

Вардар чесно и праведно го победи Рајн-Некар во четвртото коло од Лигата на шампионите, меѓутоа тренерот на Германците, Николај Јакобсен, како и Љубомир Врањеш пред една недела им најде мана на судиите.

Данскиот тренер на Рајн-Некар призна дека направиле грешки во вториот дел, меѓутоа не испушти да каже дека фактор за победата на Вардар биле и судиите.

„Разочарани сме што не победивме. Главниот проблем беше тоа што направивме премногу грешки, особено на почетокот од првото полувреме. Потоа се обидовме да се вратиме, но беше тешко, особено со двајца судии кои не ни дадоа фер шанса. Тоа е тоа, мора да продолжиме понатаму и да се подготвиме за следниот наш натпревар, екипата на Кристијанштад“, рече Јакобсен.

Рајн-Некар имаше едно исклучување во клучните моменти, а Вардар доби седмерци, кои Дибиров ги реализира за да ја зацврсти предноста и да ја направи победничка. Вардар имаше шест пенали, од кои погоди пет пати, а Германците двапати шутираа од линијата за седум, а погодија еднаш. Кај исклучувањата беа речиси изедначени три за Вардар, четири за Рајн-Некар.