Нема сила која може да го запре Вардар: Д-р Парондо го преслуша и Рајн-Некар! (ФОТО)
Незапирливата сила на Вардар ја почувствува и Рајн-Некар, веќе петта сезона по ред, иако овој пат црвено-црните мораа да се потат за победата до последната минута во „Јане Сандански“. Како што стравуваше тренерот на Филип Талески и неговите соиграчи, Рајн-Некар е добар само едно полувреме и сѐ уште не може да состави цел натпревар оваа сезона.
За среќа, она лошото беше второто, кога требаше да се запне за победата. Во првото Рајн-Некар беше поснаодлив, полесен во нозете и поумешен на теренот. Вардар ниту еднаш не поведе, првиот гол од игра го постигна дуро по шест минути игра, а гостите од Германија континуирано имаа комотна предност (6-8 во 16. минута, 7-10 во 19.), а во еден момент дури и плус четири, 11-15.
Сепак, добриот старт на второто полувреме најави дека Вардар уште има што да каже. Со серија од 3-0 првпат поведе (16-15), а потоа се фокусира на тоа што е можно побргу да се одлепи. Рајн-Некар навистина „падна“ во вториот полчас, многу повеќе грешеше во својата игра, а фактор за пресвртот имаа и вардарци во своите редови. Дејан Милосављев здиве во второто полувреме, надополнувајќи ги четирите одбрани од првото со седум нови, за вкупно 11.
Иако во 49. минута македонскиот првак првпат поведе со три разлика 27-24, Рајн-Некар знаеше да се врати и да дојде на минус еден во последните минути. Важна интервенција на Милосављев и мирна рака на Дибиров од линијата за седум метри беа доволни за да пресудат. Руското крило со осум голе беше прв стрелец на мечот, по четири постигнаа Борозан и Карачиќ, а Скубе, кој се повреди во првото полувреме, се врати за да заврши со три од три. Петерсон броеше до седум кај Рајн-Некар, а Филип Талески запиша еден од еден.
Вардар е прв со максимални осум бода во групата А, но ќе биде тешко да го задржи тој ефект во петтото коло, на 14 октомври кај Кјелце.