Самсоненко пушти срце, Вардар преговара со актуелен македонски репрезентативец!

Најтрофејниот македонски фудбалски тим, екипата на Вардар, по сезоната за заборав во домашното првенство и Куп, а и откако раскрсти со речиси целиот прв тим кој го направи историскиот успех пласирајќи се во Лигата на Европа, реши да прави да прави силна екипа за наредната сезона.

Од канцеларијата на Вардар доаѓаат вести дека клубот е во преговори со македонскиот репрезентативец Кире Ристевски, чиј клуб во Унгарија, екипата на Вашаш, испадна од елитата и сега е слободен фудбалер, без обештетување. Исто така, црвено-црните на пик го имаат и поранешниот голман на младата репрезентација на Србија, Александар Кировски, кој настапува за Чукарички.

Од претходно, скаутите на Вардар имаа договорено неколку фудбалери, за кои објавивме минатата недела, но се очекуваше сопственикот Сергеј Самсоненко да го одобри буџетот за идната сезона. Сега откако е добиен позитивен одговор, преостанува реализација на трансферите. 

Така, покрај Романецот Бумба, кој е играч од средниот ред и може да игра како офанзивен играч за врска, во Вардар треба да дојдат и Камерунецот Роберт Ндип Тамбе, кој е напаѓач и има 24 години, а последен клуб му е Адана Демирспор од Турција. Станува збор за напаѓач, кој има добри реализаторски способности и треба да ја зголеми конкуренцијата во нападот каде што сега се Максим Максимов, младиот Бојан Колевски и Ерменецот Тигран Барсегјан. 

Во Македонија треба да се врати и Бразилецот Виктор Јуфо, поранешниот фудбалер за врска на Шкендија, кој моментно игра во албански Фљамуртари, каде и што замина од тетовскиот клуб, а странско засилување треба да биде и 28-годишниот Милош Петровиќ, стопер кој доаѓа од Раднички Ниш, клуб кој се избори сезонава за настап во квалификациите за Лига Европа и по долго време овој клуб ќе излезе на меѓународна сцена. 

Покрај овие странски засилувања во Вардар треба да дојдат и двајца млади „интернационалци“ Алек Талески, кој има 18 години и доаѓа од Австралија, како и Андреј Тодоровски, 19-годишното момче кое доаѓа од Австрија. Речиси извесно е дека во Вардар ќе дојде и Михаил Маневски, стандардниот младински репрезентативец на Македонија до 19 години, кој важи за исклучително талентирано момче кое може да ја покрие левата бековска позиција.