Лејкерс не се само Дончиќ: Грајмс експлодира со 47 поени (ВИДЕО)

Лос Анџелес Лејкерс ја продолжи својата победничка серија во НБА-лигата, откако по голема драма и продолжение славеше над Шарлот Хорнетс со 118-114. Херој на вечерта беше Квентин Грајмс, кој одигра натпревар за паметење и го засени дури и фантастичниот Лука Дончиќ.

Грајмс ја одигра најдобрата партија во кариерата, постигнувајќи неверојатни 47 поени. Особено импресивен беше неговиот шут од далечина – погоди дури 10 тројки од 14 обиди, со што целосно ја презеде главната улога во нападот на гостите.

Ниту Дончиќ не заостануваше многу зад соиграчот. Словенечкиот ас го заврши натпреварот со 37 поени, а повторно покажа колку е важен за играта на „езерџиите“.

Најдраматичниот момент се случи во самиот финиш на регуларниот дел. Лејкерс имаа последен напад, Дончиќ ја презеде одговорноста, но поради добрата одбрана на противникот не успеа да најде простор за шут. Сепак, го забележа слободниот Грајмс и го проигра, а овој со својата десетта тројка на натпреварот погоди за израмнување и продолжение.

Во дополнителните пет минути Лејкерси беа посигурни и стигнаа до нов триумф, осми последователен во НБА-лигата.

За Грајмс ова беше особено впечатлива вечер ако се знае дека пред овој натпревар имаше просек од само 9,2 поени по натпревар. Сега со спектакуларното издание покажа дека може да биде многу повеќе од дополнителна опција во нападот на тимот од Лос Анџелес.

Други резултати во НБА:
Торонто – Њујорк 102-111
Минесота – Портланд 106-105
Сан Антонио – Детроит 93-105
ЛА Клиперс – Јута 107-132
ЛА Лејкерс – Шарлот 118-114