ФК Вардар во 2017 година потрошил 5,5 милиони евра, но и добро заработил!
Според извештајот, вардарци оствариле оданочен профит од речиси 800.000 евра, благодарение на приходите од 6,9 милиони евра (425.536.049 денари), од кои над половина се само приходи од УЕФА солидарниот фонд - 3,65 милиони евра (224.616.000 денари) добиени со пласманот во групите во второто по ранг европско натпреварување. Вардарци летоска тргнаа во европската авантура во квалификациите во ЛШ од каде што заработија точно еден милион евра за настап во две кола , а пласманот во Лига Европа од фондот на УЕФА им донесе дополнителни 2,6 милиони евра.
Вардаровите приходи драстично се зголемиле во 2017 година во однос на претходната 2016 година (234.806.000 денари) и тоа за 131 милион денари (над 2 милиони евра), но сериозно пораснале и расходите - за околу 100 милиони денари (232.348.000 денари), што јасно отсликува дека за секој поголем успех потребно е добро да се одврзе ќесето и дека секој поголем финансиски успех (по)скапо се плаќа.
Во приходите од 425 милиони денари „учествуваат“ и парите од ТВ права (43 милиони денари), потоа од спонзорства и реклами (90 милиони денари) кои во споредба со 2016 година се речиси двојно помали (тогаш биле 173 милиони денари). Црвено-црните заработиле и 50 милиони денари од трансфери на играчи. Расходите се 340 милиони денари, но во финансискиот извештај се пресметани како 302 милиони поради ставката за приходите од трансферите во тој дел. Сепак, сума сумарум, Вардар остварил профит од 1,1 милион евра (72.873.413 денари), што по одданочувањето е речиси 800.000 евра.
Финансискиот извештај на најтрофејниот македонски клуб, кој до оваа сезона имаше пет титули во последните шест сезони јасно покажува дека најголемиот дел од расходите на клубот се на плати за вработените (играчи и администрација), како и за организација на мечевите, како дома, така и на гости, во целата 2017 година, во која беше направен и најголемиот успех, а вардарци одиграа 12 европски мечеви.
Така, само на нето плати за играчи се потрошени 2,5 милиони евра (156,993.000 денари), плус уште неполни половина милион евра за придонеси, даноци за други ангажирани лица, како и 435.000 евра за нето плати за администрацијата и 100-на илјади евра за нивни продонеси, даноци и други аконтации и уште толку за ангажман на дополнителни лица. Втор најголем трошок на Вардар е организацијата на натпревари за која се потрошени 1,7 милиони евра (109,130.000 денари) од кои најголемиот дел околу еден милион евра (64,6 милиони денари) се за хотелски сместувања, наеми, службени патувања, членарини, лиценци за мечевите...
Тоа што најмногу паѓа во очи околу трошоците е фактот дека Вардар потрошил 9 милиони денари (150.000 евра) на спонзорства и реклами во минатата година, но најтрофејниот македонски клуб не го доби ефектот од „силното рекламирање“, зашто „Филип Втори“ ниту еднаш не се наполни на петте меча (Копенхаген, Фенербахче, Зенит, Реал Сосиедад, Розенборг) што ги играше на најголемиот наш стадион (дуелот со Малме во ЛШ го играше во Струмица).
ПРИХОДИ НА ВАРДАР - 6,9 МИЛИОНИ ЕВРА (425.536.049 денари)
од УЕФА – 224.616.000 евра
од влезници - 17,397,000 денари (282.878 евра)
од спонзорства и донации – 90.000.000 денари (1,5 милион евра)
од преноси и радиодифузна мрежа – 42,927.000 (698.000 евра)
од трансфери – 50.000.000 денари (813.008 евра)
ТРОШОЦИ НА ВАРДАР – 5,5 МИЛИОНИ ЕВРА (343.861.000 денари)
плати, придонеси, договори на дело – 3,7 милиони евра (231,138.000 денари)
1. нето-плати на играчи – (156,993.000 денари)
2. надоместоци за придонеси, даноци и други ангажирани лица - 26,8 милиони денари
3. нето плати за вработени - 28,8 милиони денари
4. надоместоци за даноци и придонеси на вработени - 10 милиони денари
5. дополнителен ангажман на други лица - 7 милиони денари (трошоци за регрес, тпремнини, авторски права и друго)...
* организација на мечеви – (109,130.000 денари)
* 64,6 милиони денари – хотелско сместување, наеми, службени патувања, членарини, лиценци
* 9 милиони денари за спонзорства и реклама,
* 23,2 милиони денари трошоци кои не се поврзани со фудбал
* 7 милиони денари за оперативни трошоци кои не може да се разграничат