Хејс Дејвис ја замолкна Валенсија со тројка од осум метри во последната секунда (ВИДЕО)
Американецот се најде во центарот на вниманието со шут од приближно осум метри, упатен непосредно пред истекот на времето. Топката заврши во кошот со звукот на сирената, а играчите на Панатинаикос добија причина за големо славје среде теренот на „Роиг арената“.
Гостите имаа контрола врз резултатот во првото полувреме и на одмор заминаа со водство од 39-34. Предноста ја зголемија и на девет поени (45-36), но Валенсија одговори со серија од 14-0, целосно го сврте текот на натпреварот и ја врати неизвесноста. Во последните десет минути се водеше вистинска резултатска битка. Валенсија беше на чекор до победата, откако поведе со 81-80, а Ти Џеј Шортс на 36 секунди до крајот погоди за плус три (83-80). Сепак, Кендрик Нан не дозволи домаќините да се радуваат – со тројка го израмни резултатот и му остави на Панатинаикос можност за последен напад.
Армони Брукс не успеа да погоди на спротивната страна, па грчкиот состав ја доби последната шанса. Одговорноста ја презеде Хејс-Дејвис, кој со прецизен удар од голема далечина ја запечати победата од 86-83.
За Американецот, Валенсија очигледно е посебно место за вакви кошаркарски спектакли. И минатата сезона тој беше човекот што ја реши пресметката со шпанскиот клуб, кога погоди победничка тројка во вториот натпревар од плејоф-серијата, повторно во „Роиг арената“.
Со овој триумф Панатинаикос ја запиша десеттата победа во Евролигата и се израмни со Валенсија на табелата. Но, начинот на кој стигна до неа сигурно ќе остане главна тема по ова коло.
ЕВРОЛИГА - РЕЗУЛТАТИ
Бешикташ - Париз 76-88
Црвена Звезда - Виртус 84-108
Баерн - Макаби 79-87
Валенсија - Панатинаикос 83-86
Асвел - Олимпија Милано 91-95
Барселона - Фенербахче 77-83