Вембањама играше како вонземјанин, Бриџис го спаси првакот, сензација во Сакраменто (ВИДЕО)
Мајлс Бриџис израсна во херој на актуелниот шампион Њујорк Никс, откако со тројка со звукот на сирената донесе победа од против Портланд (97-96) и спречи огромен пресврт. Никс имаа предност од дури +26 во првото полувреме, но гостите се вратија во игра и преку слободните фрлања на Дени Авдија поведоа на три секунди пред крајот. По тајм-аутот, Бриџис се дигна на шут преку Тумани Камара и погоди за триумф. Џејлен Брансон беше најефикасен кај домаќините со 30 поени (19 во првата четвртина), додека кај Портланд се истакнаа Клинген (22 поени, 13 скока) и Авдија (20 поени).
Неверојатна партија прикажа Виктор Вембањама во победата на Сан Антонио над Њу Орлеанс (114-91). Французинот постигна дури 50 поени (32 во првото полувреме), дополнети со 19 скока, пет блокади и четири украдени топки (статистика каква што немал никој во последните 50 години), а играта ја напушти на шест и пол минути пред крајот веднаш по тројката за „педесетка“. Со овој триумф Спарс го делат првото место на Западот со Лејкерс (14-3). Кај ослабениот Њу Орлеанс, кој настапи без Зајон, Марфи, Матурин и Дежонте Мареј (кој побара трејд), најефикасни беа Фирс со 29 и Пул со 25 поени.
Педесет поени, што е и негов рекорд на кариерата, постигна и Тајлер Хироу во матинe-терминот, но тоа не беше доволно за Милвоки, откако Филаделфија славеше со 132-129.
Изненадувањето на вечерта го направи Сакраменто, кој го совлада Бостон (97-96) со кошот на Киген Мареј од одбиена топка преку тројца противнички кошаркари. Причард промаши тројка за победа со звукот на сирената, па Кингс ја прекинаа серијата од осум порази и го запишаа првиот домашен триумф сезонава. Сите пет стартери кај домаќините беа двоцифрени, предводени од Акуф Џуниор со 21 поен, осум асистенции и шест скока. Бостон, без Тејтум, Вајт и Мичел Робинсон, одигра очајно во шутот за три поени – само 22 проценти реализација од дури 58 обиди.
Во останатите дуели, Далас предводен од Кајри Ирвинг (25 поени) и Купер Флег (22 поени, осум скока, шест асистенции) со серија од 11-0 во финишот ги совлада ЛА Клиперс (110-100), нанесувајќи им го седмиот гостински пораз во исто толку мечеви. Минесота, пак, на домашен терен му го нанесе првиот гостински пораз на Мемфис (104-95), со 25 поени на Џејден Мекдениелс и по 16 на Досунму и Куминга.
РЕЗУЛТАТИ: Њујорк – Портланд 97-96, Далас – ЛА Клиперс 110-100, Минесота – Мемфис 104-95, Сан Антонио – Њу Орлеанс 114-91, Сакраменто – Бостон 97-96, Филаделфија – Милвоки 132-129.