Конте најави можност за враќање во Јувентус: Еден ден повторно ќе се спојат нашите патишта
Во интервју за една телевизиска емисија, Конте призна дека неговата приказна со „старата дама“ сè уште не е завршена.
„Мислам дека порано или подоцна тој круг со Јувентус ќе мора да се затвори. Не знам дали тоа ќе се случи за една, десет или петнаесет години, но знам дека оставив нешто во овој клуб“, изјави италијанскиот тренер.
Конте откри и дека во два наврата постоела реална можност повторно да се врати во Торино, но раководството на Јувентус во двата случаи се одлучило за други решенија. Првата можност се појавила во 2019 година, кога Јувентус се раздели со Масимилијано Алегри. Конте во тој период бил слободен тренер, но клубот се определил за Маурицио Сари. Италијанецот потоа ја прифатил понудата на Интер, со кој ја освоил титулата во Серија А.
Втората шанса се појавила во 2024 година. И тогаш Конте бил без ангажман, но спортскиот директор Кристијано Џунтоли решил да му ја довери екипата на Тијаго Мота. Конте, пак, завршил во Наполи, со кој подоцна стигна до шампионската титула.
Тренерот откри и интересна приказна од 2009 година, кога неговото прво доаѓање во Јувентус било многу блиску, но пропаднало по несогласување околу тактичката поставеност на екипата и улогата на Бразилецот Диего.
Конте сакал да игра во формација 4-2-4, додека клубот му посочил дека Диего претпочита систем 4-3-1-2. Италијанецот не сакал да ги менува своите фудбалски принципи само за да го добие ангажманот. Дури во летото 2011 година пристигнала вистинската можност. Конте го презел Јувентус и започнал извонреден период во кој освои три последователни шампионски титули во Италија.