Митревски: Беше уживање да се игра против ваква бундеслигашка екипа!

Голманот на Пелистер, Никола Митревски беше еден од најзаслужните за големата победа на Пелистер против Гумерсбах и ги запре Германците со 15 интервенции.

Митревски посебно се заблагодари до навивачите и „Чкембарите“, порачувајќи дека било прекрасно да се игра во таква атмосфера.

„Беше прекрасно уживање да се биде дел од ваков натпревар со ваква поддршка, посебна благодарност до „Чкембарите“ кои се секогаш се тука, без разлика дали ни оди. Денеска успеавме да се вратиме во второто полувреме, одигравме онака како што знаеме и да славиме победа. Честитки до противничката екипа и до моите соиграчи.

Создадовме многу шанси, бевме добри во реализацијата, ги затворивме во одбрана и беше вистинско уживање да се игра против ваква бундеслигашка екипа. Иако дојдоа без еден-двајца ракометари, тие секако се силни, минатата сезона беа помеѓу првите шест екипи во Германија.

Веќе во четврток, Пелистер го чека нов предизвик и тоа против Алкалоид во домашното првенство.

„За 40-тина часа имаме нов натпревар, немаме многу време, малце е комплицирано и за играчите, но не зависи тоа од нас. Други луѓе ги прават календарите и натпреварување. Тежок ќе биде натпреварот со Алкалоид кој исто така атакува на највисок пласман, селекторот го имаат за тренер, тој не познава сите добро, ги знаеме и ние, па сигурно ќе биде добар натпревар за гледање“, изјави голманот на македонскиот шампион.