Пораз дома и од Словенија за крај на очајната година: Десет меча, осум порази и еден постигнат гол во 2026! (ФОТО)

Македонската фудбалска репрезентација со тежок пораз (0-3) против Словенија ја заврши групната фаза во Лигата на нации, но и очајната година во која одигра 10 меча, а притоа запиша осум порази и само еден постигнат гол.

Нашите репрезентативци тргнаа офанзивно против Словенија, но по една неискористена шанса во 29. минута гостите преку Даниел Штурм нè казнија и поведоа со 1-0.

Словенија во вториот дел успешно го чуваше водството, а постигна и втор погодок преку Давид Зец. Македонија не успеа да одговори, па падна и темпото на игра, а гостинската репрезентација го искористи тоа за да постигне и трет гол преку Штурм во судиското надополнување.

Македонската фудбалска репрезентација заврши на последната позиција во групата 1 без освоен бод, 15 примени голови и само еден постигнат погодок.

Македонија ќе мора преку бараж да го брани статусот во Лигата Б. Ждрепката за баражите е закажана за 20 ноември, а натпреварите ќе се играат од 25 до 30 март 2027 година.