Хаос на кадетски меч: Ракометар и тренер на Прилеп удрија по еден од судите (ВИДЕО)
По последниот звук на сирената ситуацијата на паркетот целосно излезе од контрола, при што дел од домашните ракометари и стручниот штаб тргнаа во пресметка со делителите на правдата, а во хаосот најлошо мина судијата Давид Марковски, кој беше физички нападнат.
Инцидентот започна кога домашниот ракометар, Бојан Наскоски, на центарот од игралиштето влезе во конфликт и го турна судијата Марковски, потег за кој веднаш доби директен црвен картон. Тензиите дополнително ескалираа кога кон арбитрите се втурна и голманот на прилепчани, Ангел Китаноски, кој и покрај обидите на соиграчите да го смират, исто така доби црвен картон.
Скандалот кулминира кога во метежот се вклучил и тренерот на домашната екипа, Рубин Богојески, кој се гледа како го удра по рака судијата Марковски. За да се спречи поголем инцидент мораа да интервенираат делегатот, претставници на домашниот клуб и останатите присутни на теренот, додека од трибините континуирано беа упатувани навреди кон арбитрите.
Судиите Давид Марковски и Стефан Ѓоргиевски веќе ги пријавиле инволвираните лица во РФМ, а следни на потег се членовите на Дисциплинската комисија.