Бизарно: Фудбалери останале на улица пред квалификациски меч – автобусот снемал гориво! (ВИДЕО)

Несекојдневна и прилично непријатна ситуација доживеа фудбалската репрезентација на Кенија, која се најде во проблем по еден од тренинзите во пресрет на важните репрезентативни обврски.

Имено, автобусот со кој се превезувале фудбалерите и стручниот штаб останал без гориво, поради што сите морале да застанат и да чекаат решение за проблемот.

Ситуацијата станала уште понеобична кога се дознало дека не бил обезбеден ниту резервен автобус. Поради тоа, репрезентативците и членовите на стручниот штаб морале да најдат алтернативен превоз, па до своите хотели се враќале со помали возила на „Убер“.

Инцидентот се случил во момент кога Кенија се подготвува за реваншот против Јужноафриканската Република во квалификациите за Африканскиот куп на нации во 2027 година.

Настанот предизвика бројни реакции кај оние што го следат африканскиот фудбал, а дел од критиките беа упатени кон луѓето кои раководат со фудбалот на овој континент.

„Не уживаме во известувањето за вакви ситуации. Сепак, ако молчиме, како некогаш ќе се променат работите? Фудбалерите и членовите на стручниот штаб се луѓе, имаат семејства и обврски и заслужуваат почит и подобар третман“, се наведува во една од реакциите.

Особено беше нагласено дека африканскиот фудбал не се сведува само на носење костуми, копачки или навивање од трибините, туку дека пред сè мора да се води сметка за луѓето кои се негов составен дел.

Кенија, заедно со Уганда и Танзанија, ќе биде домаќин на Африканскиот куп на нации во 2027 година, па ваквите сцени дополнително ги отвораат прашањата за организацијата и логистиката во пресрет на еден од најголемите спортски настани на африканскиот континент.