Втора победа на Македонија, У17 репрезентацијата на прагот на втората фаза

Македонската репрезентација до 17 години продолжува со одличните настапи на квалификацискиот турнир за Европското првенство 2027. Избраниците на Иљами Исејни го совладаа Сан Марино со 1-0 и стигнаа до вториот триумф во Групата 11, со што собраа максимални шест бода.

Човекот на одлука повторно беше Стефан Ристиќ. Напаѓачот на младинскиот погон на Партизан ја затресе противничката мрежа во 58. минута, по асистенција на Александар Полимец, и го постигна единствениот погодок на средбата.

Ристиќ така ја продолжи својата голгетерска серија во националниот дрес. На отворањето на турнирот беше апсолутен херој против Унгарија, кога со три погодоци го предводеше македонскиот пресврт од 0-2 до победа од 3-2. Со денешниот гол веќе има четири погодоци на првите два натпревари. Со новите три бода, Македонија направи значаен чекор кон пласман во втората квалификациска фаза, односно во Лигата А. Во следната рунда продолжуваат двете најдобри селекции од секоја група, а конечниот распоред ќе биде познат по завршувањето на сите натпревари. Ако Турција ја победи Унгарија на мечот кој се игра во моментов, тогаш Македонија оди во следната фаза од квалификациите.

На младите македонски фудбалери им останува уште еден предизвик во групната фаза. На 17 ноември ќе се соочат со домаќинот Турција, во директна пресметка која може да биде решавачка за конечниот пласман.