Флик со тактичко изненадување искреира голем пресврт против Атлетико Мадрид!
Каталонскиот гигант успеа да направи целосен пресврт на стадионот „Метрополитано“ благодарение на погодоците на Фермин Лопез, со што ја зголеми предноста пред избраниците на Диего Симеоне на пет бода. Предводникот на Барселона, Ханси Флик, не го криеше задоволството од карактерот кој го покажаа неговите фудбалери, иако призна дека почетокот на натпреварот не се одвивал според посакуваното сценарио и им недостигал потребниот интензитет.
Тој потенцираше дека по паузата значително ја подобриле играта, потсетувајќи дека натпреварите траат 90 минути и бараат максимална посветеност до самиот крај. Германскиот стратег привлече големо внимание во јавноста со несекојдневното тактичко решение во второто полувреме, кога го постави Френки де Јонг на позицијата десен бек.
„Де Јонг може да одговори на таа позиција. Разговаравме за тоа и самиот ми кажа дека е подготвен. Планот беше да остане таму 15 минути, а по замената на Бернал, Френки да се врати во средниот ред“, откри тренерот на Барселона.
Зборувајќи за амбициите и физичката подготвеност на екипата, Флик истакна дека има целосна доверба во овој состав и во нивните можности да победуваат на вакви тешки натпревари кои не се добиваат лесно. Тој нагласи дека сезоната е долга, но тимот секојдневно е фокусиран на успесите и освојувањето трофеи, притоа потенцирајќи ја важноста на стручниот штаб во контролирањето на одморот на фудбалерите за да се избегнат несакани повреди.
За каталонскиот тим ова беше четврта победа на последните пет меѓусебни натпревари против Атлетико Мадрид, потврдувајќи ја одличната форма во домашниот шампионат каде нивен единствен пораз од почетокот на сезоната останува оној од лутиот ривал Реал Мадрид.