Место ракометен дуел, бокс меч во Крушевац (ВИДЕО)
Инцидентот се случи на нешто помалку од една минута пред крајот, при резултат 31-27 за домашниот состав. По постигнатиот погодок на Напредак, голманот на гостите се обиде да го спречи противничкиот играч, при што го удри со подлактицата во пределот на главата. Тоа предизвика жестока реакција кај домашните ракометари, по што ситуацијата целосно излезе од контрола.
За само неколку секунди на теренот се најдоа играчите од двете клупи, а во пресметката се вклучија и членовите на стручните штабови. Туркањето и физичкиот конфликт траеја неколку минути, по што судиите ги испратија екипите во соблекувалните. По прекинот, кој траеше околу 25 минути, судиите ги санкционираа учесниците во инцидентот. Беа доделени вкупно седум сини картони – три за ракометарите на Напредак и четири за играчите на Караѓорѓе. Овој вид санкција во ракометот, покрај исклучувањето, може да повлече и дополнителни дисциплински казни.
Дополнителна тежина на случајот му даваат и реакциите на двата клуба. Напредак јавно го осуди насилството, најави санкции за своите играчи и упати извинување до противничкиот клуб и ракометната јавност.
Од Караѓорѓе, пак, изнесоа сериозни обвинувања, тврдејќи дека во инцидентот имало повредени играчи, меѓу кои и 16-годишен ракометар. Клубот од Топола најави дека размислува и за повлекување од натпреварувањето поради загриженоста за безбедноста на своите членови.