Гаштаров: Не го потценивме противникот, против секого играме како против Реал

Матеј Гаштаров беше меѓу фудбалерите на Црвена звезда кои ги споделија впечатоците по тешко извојуваната победа над Интер Ескалдес од Андора (2-1) во третото коло од Конференциската лига.

Српскиот шампион мораше да прави пресврт во завршницата, откако гостите поведоа, а ситуацијата дополнително се искомплицира по исклучувањето на Александар Катаи. Сепак, Звезда успеа да стигне до трите бода со головите на Владимир Лучиќ и Јута Накајама.

Младиот Гаштаров смета дека црвено-белите не се откажале од својата игра ниту во најтешките моменти.

„Нормално, ова беше тежок натпревар. Добивме црвен картон, но продолживме да ја контролираме топката, да играме онака како што сакаме и на крајот стигнавме до победата“, изјави Гаштаров.

Тој категорично ги отфрли сугестиите дека белградскиот тим го потценил противникот, иако на хартија важеше за голем фаворит.

„Воопшто не го потценивме противникот. Во секој дуел влегуваме како да играме против Реал. Тоа сигурно не го направивме“, порача младиот фудбалер.

Гаштаров откри и дека немало паника во екипата кога Звезда се најде во негатива.

„Не, продолживме со истото темпо и го баравме првиот гол за да го свртиме натпреварот“, објасни тој.

Интересно е што младиот фудбалер во последниот период добива можност да настапува на различни позиции, вклучувајќи ги и стоперската и позицијата дефанзивен играч за врска. Сепак, тоа не му претставува проблем.

„Сега играм и како стопер. Не ми пречи која позиција ќе ми ја одреди тренерот, ќе играм таму каде што ќе биде потребно. Се чувствувам одлично, како и сите играчи на теренот“, заврши Гаштаров.