Лугано на крилјата на Алиоски до првото место во Конференциската лига (ВИДЕО)
Домашниот состав ја заврши работата уште во првото полувреме, во кое ги постигна сите три гола. Јанис Чиминјани го отвори резултатот во 11. минута, а потоа на сцена стапи Алиоски.
Македонскиот фудбалер во 24. минута прифати една одбиена топка пред противничкиот шеснаесетник и без многу размислување испрати вистински проектил кон голот. Ударот беше исклучително прецизен, топката ја погоди пречката и заврши во мрежата за 2-0. Прекрасен погодок на Алиоски, кој уште еднаш покажа дека поседува одличен удар од далечина.
Точка на одличното прво полувреме стави Даниел Дос Сантос, кој во 32. минута зголеми на 3-0. До крајот на натпреварот резултатот не се менуваше, па Лугано заслужено стигна до убедлив триумф.
За швајцарскиот тим ова беше трета победа во исто толку натпревари во Конференциската лига. Претходно Лугано славеше против Црвена звезда со 3-2 и против Хетафе со 5-2, па со максимални девет бода се искачи на првото место на табелата. Максимален ефект имаат уште Панатинаикос, Твенте и Монако, ама Лугано има најдобар гол-разлика (+7) и затоа е на чело во Конференциската лига. Алиоски има огромна заслуга за денешниот триумф бидејќи беше втор најдобро оценет фудбалер во својата екипа со оценка 8,6.
