Хајдук доживеа една од најголемите бламажи во својата историја (ВИДЕО)

Едно од најнепријатните изненадувања во третото коло од Конференциската лига приреди Хајдук, кој доживеа вистински дебакл на гостувањето на Гибралтар. Сплитскиот тим загуби од Линколн Ред Импс со 0-1, и тоа со автогол во самата завршница на натпреварот!

Хајдук допатува на Гибралтар со големи амбиции и со максимален учинок од првите две кола. Победите над Ајакс и Тун најавуваа одлична европска сезона за хрватскиот гигант, но гостувањето кај Линколн се претвори во вистински кошмар.

Гостите не успеаја да ја оправдаат фаворитската улога, а кога се чинеше дека ќе си заминат со реми, следуваше моментот кој ги шокираше нивните навивачи. Во 89. минута Денис Хаџикадуниќ ја затресе сопствената мрежа и му подари историска победа на домашниот состав. Поразот е уште поболен ако се знае дека Линколн е клуб од Гибралтар, а Хајдук важи за еден од најголемите и најтрофејни клубови во регионот. Наместо очекувано освојување на нови три бода, „билите“ си заминаа со наведнати глави.

Катастрофата на Гибралтар доаѓа по одличните резултати последниот период имајќи предвид дека Хајдук е лидер во домашното првенство и добро чекореше во Конференциската лига.