Сѐ е средено - Рафиња утре става потпис на новиот договор

Барселона успешно ја заврши мисијата за продолжување на соработката со една од најважните фигури во тимот. Бразилскиот репрезентативец Рафиња постигна целосен договор со каталонскиот клуб и ќе остане на „Камп Ноу“ до 2030 година.

Според информациите на шпанските медиуми, сите детали околу новиот договор се договорени, а останува уште официјалното потпишување. Се очекува тоа да се случи утре, во присуство на претседателот Жоан Лапорта, по што фудбалерот би требало да се обрати и пред медиумите.

Со новиот договор Рафиња ќе ја продолжи соработката за дополнителни две години, бидејќи неговиот актуелен договор истекуваше во 2028 година. Спортскиот директор Деко уште во септември најави дека преговорите се успешно завршени и дека бразилскиот крилен напаѓач ќе остане во клубот до 2030 година. Сепак, административните процедури и усогласувањето на термините го одложија официјалното потпишување.

Барселона на овој начин испраќа јасна порака дека Рафиња е еден од столбовите на проектот на Ханси Флик. Бразилецот не е важен само поради своите настапи на теренот, туку и поради лидерската улога во соблекувалната, каде што ја носи капитенската лента. Неговата важност најдобро ја потврдува и актуелната сезона, во која игра во извонредна форма. Рафиња продолжува да биде еден од најопасните офанзивци на каталонскиот тим, а со своите голови и асистенции има огромен придонес во резултатите.

Интересно е што Барселона паралелно работи и на продолжување на договорите со младите Марк Бернал и Чави Еспарт. Бернал треба да добие договор до 2031 година, додека Еспарт ќе биде врзан со клубот до 2030 година.