Чупиќ: Покажавме дека сакаме да ја одбраниме титулата, навивачите се нашиот осми играч!

Македонскиот шампион Вардар славеше во дербито против Пелистер со 31-23, а тренерот на скопскиот гигант Иван Чупиќ кажа дека е задоволен од играта на своите избраници.

„Црвено-црните“ беа фантастични, посебно во второто полувреме, а Чупиќ истакна дека клучна била подобрата игра во одбраната и транзицијата.

„Секогаш кога играме дома сме фаворити, така се поставуваме во првенството и така беше во Лигата на шампиони. Не бегаме од таа улога, затоа што знам дека е многу тешко да се игра во ‘Јане Сандански’. Дербито секогаш е полно со тензија, емоции, ни требаше време да влеземе во натпреварувачка температура, но во второто полувреме бевме подобри во одбрана, во транзиција и имавме повеќе фокус. Заслуживме два бода и победа, одигравме во последните 10 минути без стрес и нервоза.

Секогаш имам оптимизам кога ќе ги видам моите ракометари, но никогаш не се поставуваме над никого, туку остануваме на земја. Нашиот квалитет дојде до израз на овој меч. Покажавме дека сакаме да ја одбраниме титулата и во нашата сала да бидеме на ниво.

Ова беше многу тежок период за нас. Сакавме да ја поминеме групата во Лигата на шампиони. Бевме тажни поради нашите навивачи. Имавме три натпревари со одлична атмосфера, но не им се раздолживме. Им благодарам за поддршката, тие се наш осми играч на натпреварите, се надевам дека ни простуваат со оваа победа“, кажа Чупиќ.

Вардар е лидер со 18 бодови во лигата, додека Пелистер има 15 поени.