Време е за македонското „Ел Класико“: Вардар во спектакл го пречекува Пелистер!

Вниманието на македонската спортска јавност денеска е насочено кон нашето најголемо ракометно дерби кое ќе се игра од 17:45 часот во салата „Јане Сандански“.

Вардар во дуелот влегтува како првопласиран со максимален учинок во првите осум кола, Пелистер од друга страна има само реми во првото коло против Охрид, па така ова ќе биде и дуел на единствените две непоразени екипи.

Ќе имаат вардарци и голема поддршка од трибините бидејќи салата е распродадена до последното место, но се најавува и солидна бројка на гостински навивачи од Битола. Кога се навивачите во прашање од Вардар подготвуваат и специјална заедничка кореографија.

„За таа цел ги замолуваме сите илјадници наши навивачи кои во недела ќе го бодрат Вардар од трибините, да бидат на своите места најдоцна 15 минути пред почеток на натпреварот“, најави актуелниот шампион.

Последното дерби во првенството кое се играше минататата сезона заврши со убедлива победа на Вардар, меѓутоа сега ситуацијата и формата е поинаква. Пелистер е предводен од искусниот Лино Червар кој за првпат откако седна на клупата во Битола ќе го води тимот во „пеколот“ во Јане.

„Вардар секогаш кога игра дома е фаворит. Тоа е во мојата глава отсекогаш. Секој што ќе дојде во 'Јане Сандански' треба да сфати дека тука многу тешко се победува и се освојуваат бодови“, порача Чупиќ од спротивниот табор на прес-конференцијата пред дуелот.