Реми на Чаир, Шкендија (А) и Тиквеш ги поделија бодовите (ФОТО)
Арачиновци рано, по само шест минути игра го отвори резултатот со голот на Марко Симоновски. Во продолжение гостите од Кавадарци тргнаа по израмнување, повеќе напаѓаа и имаа иницијатива, сепак во првиот дел не го пронајдоа патот до мрежата.

Вториот дел донесе уште поголема офанзива на кавадаречкиот состав и таквата игра им се исплатеше кога Бразилецот Лусијанињо на 15-тина минути пред крајот стрелаше за 1-1.
Создаде Тиквеш и до крајот уште некоја прилика, меѓутоа не успеа да направи целосен пресврт. Шкендија Арачионово беше повлечена на својата мрежа, но можеше да дојде и до втор гол по една лоша комуникација на голманот Стевковски со своите дефанзивци во 87-та минута. Тоа беше најголемата прилика за домашниот состав по постигнатиот гол.

За Тиквеш ова е шесто реми од почетокот на сезоната и тие се екипата со најмногу нерешени средби од почетокот на сезоната, а на табелата се трети со 21 бод, колку што има и Вардар, Струга е втора со 23, додека Шкендија на лидерската позиција е со 24 освоени бодови. Шкендија Арачиново пак на шестата позиција е со 15.


