Мбапе не ја освои Златната топка поради новинари од три држави
Напаѓачот на Баерн Минхен собрал 1.055 поени, додека фудбалерот на Реал Мадрид завршил со 1.027. Ова е четвртиот најнеизвесен избор во 70-годишната историја на наградата, а воедно и најтесната разлика од 2019 година наваму.
Интересен е и податокот дека Кејн добил 40 гласови за првото место од вкупно 100 членови на жирито, додека Мбапе бил на врвот на листата кај 23 новинари. Англичанецот се нашол меѓу десетте најдобри кај 98 гласачи, а Французинот бил во топ 10 на 97 листи. Одлучиле новинари од три држави: Грција, Шкотска и Украина кои не му дале бодови на Мбапе, па со тоа всушност му направиле услуга на Кејн.
Третото место му припадна на Ламин Јамал со 881 бод, а зад него се најде Родри со 726. Според објаснувањето на Винсент Гарсија, главниот уредник на „Франс Фудбал“, поделбата на гласовите меѓу шпанските репрезентативци имала влијание врз конечниот пласман на младиот фудбалер на Барселона.
Јамал и Родри беа дел од шпанската репрезентација која го освои Светското првенство, па дел од членовите на жирито им ги распределиле гласовите на двајцата. Дополнително, кај Јамал бил земен предвид и неговиот скромен голгетерски ефект на турнирот, на кој постигнал само еден гол, како и фактот дека го започнал натпреварувањето со повреда.
Во првите пет се најдоа уште Лионел Меси со 612 поени, додека минатогодишниот освојувач Усман Дембеле заврши дури на седмата позиција со 418 бодови.