Шпанија стана и прв светски шампион до 15 години! (ВИДЕО)

Младата репрезентација на Шпанија до 15 години испиша историја откако го освои првото издание на Светското првенство и фестивалот на ФИФА за фудбалери до 15 години.

 Шпанците во финалето во Баку славеа убедливо против Чешка со 3-0 и го освоија трофејот во најсилната дивизија на новото натпреварување. Финалниот натпревар беше одигран денеска во салата „Баку Кристал Хол“. Натпреварот го судеше домашниот ФИФА-судија Алијар Агајев, а Шпанија стана првиот освојувач на најсилната дивизија во ова натпреварување.

Турнирот се одржуваше во главниот град на Азербејџан од 24 до денеска, а учество зедоа репрезентациите на дури 189 национални федерации. Натпреварите се играа во специфичен формат, со осум фудбалери во секоја екипа и две полувремиња од по 20 минути.

Меѓу учесниците беше и репрезентацијата на Македонија предводена од селекторот Горан Станковски која турнирот го заврши во првата фаза. 

Првото издание на турнирот го одбележа и еден несекојдневен инцидент на дуелот меѓу Англија и Боливија, кога боливискиот голман одби да брани пенал во знак на протест по контроверзната судиска одлука.