Галијани влегува во трката за претседател на ФИГЦ!

Адријано Галијани и официјално влегува во трката за претседател на Италијанската фудбалска федерација (ФИГЦ).

Здружението на италијански фудбалери (АИЦ) и Здружението на италијански фудбалски тренери (АИАЦ) ја завршија постапката за собирање на потребните потписи со кои ја поддржуваат кандидатурата на поранешниот директор на Милан и Монца.

Информацијата беше потврдена преку заедничко соопштение на двете организации, кои најавија дека сакаат да продолжат со заеднички пристап кон иднината на италијанскиот фудбал.  Изборите за нов претседател на ФИГЦ ќе се одржат на 14 декември, во рамките на Изборното федерално собрание.

Од АИЦ и АИАЦ сметаат дека Галијани, зад кого стои долгогодишно искуство и големи резултати во фудбалот, може да биде вистинскиот избор за почеток на нова ера и неопходните реформи во италијанскиот фудбал.

„Сметаме дека ова е важна можност поради вредноста на изборот, историјата, искуството и резултатите што ги постигна Галијани во својата кариера. Тој сега е подготвен да сподели отворена и прогресивна визија за федерацијата во процесот на реформи кои повеќе не можат да се одложуваат“, се наведува во соопштението.

Галијани остави длабока трага во италијанскиот фудбал, особено како еден од најважните луѓе во управувачката структура на Милан, со кој освои бројни трофеи во домашните и европските натпреварувања. Негов противкандидат ќе биде Џовани Малаго кој претходно победи на изборите во јуни, но потоа се појавија одредени нерегуларности и истите беа поништени, па сега ќе се води нова битка.