КФМ подели казни: Работнички и Куманово ќе платат 148.800 денари!

Дуелот Работнички и МКК Куманово продолжи и по последниот судиски свиреж, овојпат преку дисциплинските одлуки

Двата клуба добија казни поради случувањата на трибините, но и неколку прекршоци направени од кошаркарите и клупските состави. Најголемиот дел од санкциите се однесуваат на однесувањето на навивачите, а вкупниот паричен износ за двата клуба изнесува 148.800 денари.

Поскапо ќе плати Работнички, кој доби казни во вкупна вредност од 82.400 денари. Скопскиот тим ќе мора да плати 30.000 денари поради плукање на службените лица, како и дополнителни 30.000 денари за фрлање тврди предмети.

Покрај тоа, Говенс е санкциониран со 6.400 денари за две технички грешки, додека Фатјон Реџа ќе треба да плати 16.000 денари поради неспортско однесување кон публиката, по пријава на службено лице.

Кумановци, пак, се казнети со вкупно 66.400 денари. И во нивниот случај најголемите казни се поврзани со навивачите, по 30.000 денари за плукање на службените лица и фрлање тврди предмети. Стефан Фундиќ доби казна од 3.200 денари за техничка грешка, а идентичен износ ќе мора да плати и клубот поради техничка грешка на клупата.