Откажана Мото ГП трката во Австралија – медицинскиот хеликоптерот не можел да полета!
Поради овие причини, патеката „Филип Ајланд“ остана без неделниот натпреварувачки програм и покрај огромниот интерес на публиката и целосно распродадените влезници. Програмот на последниот ден од тркачкиот викенд беше повеќепати одложуван, при што најпрво беа откажани загревањата, а потоа и трките во категориите Мото 3 и Мото 2, за на крајот да биде донесена конечната одлука да не се вози ниту главната трка во кралската класа.
Иако пред планираниот почеток моторите веќе се слушаа во боксовите и возачите се подготвуваа за излез на патеката, константниот дожд ги принуди организаторите да потврдат дека безбедносните услови не се исполнети. Клучниот проблем не беше само големата количина вода на асфалтот и силниот ветер при температура од само 12 степени, туку пред сè слабата видливост која го спречи полетувањето на медицинскиот хеликоптер. Според прописите, повредените возачи мора да бидат префрлени до болница во рок од 45 минути, а бидејќи патувањето по копнен пат трае повеќе од час и половина, воздушната евакуација е од пресудно значење.
И покрај откажувањето на натпреварувачкиот дел, возачите излегоа пред разочараните навивачи и извозеа неколку почесни кругови зад безбедносното возило. Најголемо внимание привлече домашниот возач Џек Милер, кој ја поздрави публиката со атрактивно кревање на предното и задното тркало на својот мотоцикл во боите на Австралија. Поминувајќи преку целната линија, тој ги фрли своите ракавици и чизми кон навивачите, потег кој набрзо го следеа и останатите возачи.
Овој инцидент повторно го покрена прашањето за терминот на одржување на Великата награда на Австралија. Возачите со години бараат трките да се организираат за време на австралиското лето, во февруари или март, кога условите се постабилни. Поранешниот директор на австралиската корпорација за Гран при, Ендру Вестакот, претходно објасни дека почетокот на сезоната во Формула 1, инфраструктурата и договорите со добавувачите се главни пречки за промена на календарот, особено поради договорот трката во Мелбурн да остане меѓу првите во календарот до 2035 година.
Временските неприлики редовно прават проблеми на оваа австралиска патека. Во 2016 година обилниот дожд го откажа вториот слободен тренинг, додека три години подоцна силниот ветер со удари до 72 километри на час доведе до прекин на програмот и одложување на квалификациите за в недела, откако Мигел Оливеира излета од патеката. Во 2023 година, поради најавени ветрови посилни од 60 километри на час, главната трка беше поместена за в сабота, спринтот беше целосно откажан, а трката во Мото 2 беше прекината по само осум кругови. Слично сценарио на целосно откажување на неделниот програм поради силен дожд и лоша дренажа беше забележано и на Големата награда на Велика Британија на патеката Силверстон во 2018 година.
ФОТО: Х / @MotoGP