Несторовски режираше пресврт со две асистенции, па доби црвен картон (ВИДЕО)
Домаќините поведоа уште во шестата минута со голот на Иури Тавареш, па Славен Белупо мораше да бара начин да се врати во натпреварот. Одговорот пристигна во второто полувреме, кога Несторовски ја презеде главната улога во офанзивата на гостите.
Во 66. минута, македонскиот напаѓач одлично ја остави топката за Јосип Митровиќ, кој со прецизен удар од далечина израмни на 1-1. Само четири минути подоцна, Несторовски повторно се најде во улога на асистент, овојпат со одлично проигрување за Ловро Бановец, кој ја реализираше шансата за целосен пресврт и водство од 2-1.
Сепак, наместо да продолжи во ист ритам, искусниот прилепчанец на лош начин го заврши мечот. Во 79. минута, по еден дуел со Грегор Сикошек, судијата му покажа директен црвен картон. Одлуката предизвика незадоволство кај Несторовски и реакции на теренот, но главниот арбитар остана на својата процена.
Вараждин се обиде да ја искористи бројчаната предност во завршницата, а во 72. минута претходно му беше поништен погодок по интервенција на ВАР поради офсајд во акцијата. Сепак, Славен Белупо успеа да го зачува водството и да ги освои трите бода.