Гаштаров отпадна од комбинација за мечот на Црвена Звезда поради здравствени проблеми
Шамппионот на Србија, утре гостува кај ОФК Београд, но бодовите ќе се обиде да ги освои без македонскиот репрезентативец. Информацијата ја потврди тренерот на белградскиот клуб, кој откри дека фудбалерот утрово пристигнал со покачена температура.
„Гаштаров утрово дојде со температура, така што тој нема да биде во конкуренција за натпреварот“, објасни стратегот на црвено-белите.
Отсуството на Гаштаров е дополнителен проблем за стручниот штаб, кој веќе мора да прави промени во составот поради неколку различни причини. Абу Фани ќе го пропушти дуелот поради суспензија, додека Елшник почувствувал помал проблем со адукторот, па од клубот одлучиле да не ризикуваат со неговиот настап.
Тренерот се осврна и на состојбата со Лукасен, кој сè уште не тренира со екипата и работи индивидуално, главно на терапии. Според неговите очекувања, дефанзивецот би можел да се врати за приближно две недели.