Славна маратонка доби долга суспензија поради бизарна измама со - лажен рецепт!

Една од најдобрите светски маратонки, Етиопјанката Рути Ага, доби шестгодишна суспензија откако истражителите за борба против допинг во атлетиката открија дека приложила лажен лекарски рецепт за да оправда позитивен допинг-тест.

Единицата за интегритет во атлетиката (АИУ) денеска официјално соопшти дека атлетичарката била позитивна на забранетата супстанца метилпреднизолон по нејзината победа на полумаратонот во Кина одржан во март оваа година. Ага во своја одбрана тврдела дека спорната супстанца ѝ била препишана од лекар во Етиопија со цел лекување на болки во коленото. Сепак, истрагата на АИУ утврдила шокантни детали кои покажуваат дека клиниката наведена во документот воопшто не постои, а наводниот рецепт всушност бил потпишан од член на нејзиното семејство кој нема никакви медицински квалификации. Бидејќи таа не одговорила на обвинувањата за користење метилпреднизолон и за манипулирање со антидопинг процесот, шестгодишната казна ѝ е изречена без претходно сослушување.

Вкупната санкција за 32-годишната атлетичарка е поделена на две години суспензија поради користење на забранетата супстанца и дополнителни четири години поради тешкото манипулирање со доказите. Со оваа ригорозна казна најверојатно се става крај на кариерата на познатата Етиопјанка, која зад своето име има голем успех како победничка на Токискиот маратон во 2019 година, а во минатото се искачуваше на победничките подиуми и на престижните маратони во Берлин и Њујорк.