ФФМ отвори постапка против Шкендија Арачиново за заканите кон судиите на мечот со Струга
Во фокусот на дисциплинските органи е Шкендија Арачиново, против која е поведена постапка поради слаба организација на натпреварот од 10. коло во Првата македонска фудбалска лига против Струга Трим Лум. Според информациите од ФФМ, проблемот се однесува на присуство на неслужбени лица во службените простории.
Дополнително, дисциплинска постапка е поведена и против извршниот директор на клубот, Сулејман Алими, поради вербален напад и упатени закани кон судиската четворка по завршувањето на натпреварот.
Под дисциплинска лупа се најде и второлигашот Камјани, против кого е отворена постапка поради слаба организација на натпреварот од осмото коло во Втората лига против Кожуф.
Покрај овие постапки, Дисциплинската комисија донесе одлуки и за четворица фудбалери кои ќе мора да паузираат поради суспензии.
Мартин Тодоров од Шкендија Арачиново и Дарко Денков од Детонит добија забрана за настап на два натпревари. Енис Дервиши од Камјани е суспендиран на три натпревари, додека Давид Ристовски од Брера Струмица ќе пропушти еден натпревар.
Дисциплинските мерки се однесуваат на случувањата во домашните натпреварувања, а отворените постапки треба да ги утврдат одговорноста и евентуалните дополнителни санкции за инволвираните.