Барса гази, ама во Лигата на шампионите не може да го сочува голот
Иако избраниците на Ханси Флик создадоа неколку добри можности преку Ентони Гордон, Фермин Лопез и Дани Олмо, токму турскиот тим прв ја затресе мрежата. Во 28. минута, по брз противнапад, Алексеј Батраков се запиша меѓу стрелците, а ударот на рускиот офанзивен играч беше одбиен од Жоао Кансело, што дополнително го измами голманот Жоан Гарсија.
Претходно, фудбалерите на Барселона бараа пенал по дуелот меѓу Ентони Гордон и Бариш Јилмаз, но италијанскиот судија Марко Гвида не покажа на белата точка. Галатасарај брзо ја продолжи играта и ја искористи невнимателноста на гостинската одбрана.
Последниот натпревар во Лигата на шампионите на кој Барселона ја зачува својата мрежа беше на 9 април 2025 година, кога го совлада Борусија Дортмунд со 4-0 во првиот четвртфинален дуел. Оттогаш, каталонскиот тим примал голови на секој европски натпревар, вклучувајќи ги и двата досегашни меча во актуелната сезона.
Оваа статистика претставува сериозен сигнал за Флик, особено ако се земе предвид дека Барселона има високи амбиции во Европа. Офанзивниот потенцијал на тимот е неспорен, но честите дефанзивни пропусти можат да станат сериозна пречка во борбата за највисок пласман.