Бура во Јунајтед - Лисандро жестоко удри по раководството
Јунајтед доживеа ново разочарување во Мадрид, каде што прими гол уште во првата минута преку Пабло Бариос, а Адемола Лукман ја потврди победата на домаќините во второто полувреме. Дополнителен проблем за англискиот тим беше и исклучувањето на Лени Јоро, по што задачата за избегнување пораз стана уште потешка.
По натпреварот, Мартинез не го криеше разочарувањето и јавно посочи дека клубот мора да направи повеќе доколку сака да се врати во европскиот врв.
„Навистина лошо, навистина лошо. Морам многу да се контролирам, но понекогаш ова е одраз на состојбата во нашиот клуб во моментов. Очекуваме повеќе од раководството, да донесе повеќе играчи за да можеме да се натпреваруваме. Многу други екипи ангажираа нови фудбалери. Очекував повеќе, 100 проценти. Очекував повеќе и од нашиот технички директор Џејсон Вилкокс“, порача Мартинез.
Посебно внимание привлекоа неговите коментари за тренерот Мајкл Карик, кој се наоѓа под притисок по серијата слаби резултати. Мартинез смета дека постојаното менување на тренери нема да ги реши проблемите доколку не се направат промени и во другите структури на клубот.
„Не мислам дека тренерот доби доволна поддршка. Тој го дава најдоброто од себе. Секоја сезона е различна. Не можете да останете на она што сте го направиле претходната сезона, бидејќи противниците ве анализираат и ги знаат сите ваши детали. Ако не се менувате, следната сезона ќе имате голем проблем“, објасни Аргентинецот.
Потоа упати и директна порака до луѓето кои ја носат одговорноста за спортската политика на клубот.
„Не можете постојано да ги менувате тренерите. А што е со другите работи? Не можам да кажам повеќе. Лесно е да се каже дека тренерот и играчите се виновни, но мора да погледнеме и во другите области“, додаде Мартинез.
Изјавите на дефанзивецот предизвикаа реакции во Англија, а клупската легенда Вејн Руни оцени дека Мартинез претерал со јавното критикување на раководството. Поранешниот капитен на Јунајтед смета дека ваквите прашања треба да се решаваат зад затворени врати, иако призна дека клубот има потреба од засилувања. Руни истовремено посочи дека и самиот Мартинез мора да го подобри своето ниво на игра и дека ваквите изјави можат дополнително да ја зголемат тензијата во тимот.
Манчестер Јунајтед се наоѓа во тежок период, со само две победи на првите девет натпревари во сите натпреварувања оваа сезона и серија од пет меча без триумф. Критиките на Мартинез дополнително го ставија во фокус прашањето дали проблемите на „црвените ѓаволи“ се ограничени на теренот или се многу подлабоки.