Битола гореше: Факели и солзи на спектакуларниот пречек на помладиот Рустемовски (ВИДЕО)

Талентираниот Арабел Рустемовски синоќа имаше херојски пречек во родната Битола, откако се врати со бронзен медал од Европското првенство (ЕП) за боксери до 17 години кое се одржа во црногорскиот град Будва.

Со скандирања на неговото име, факели, прегратки и многу емоции, семејството, пријателите и тренерите му приредија изненадување достојно за врвен европски медалист. Атмосферата на пречекот беше исполнета со огромна гордост и радост, а меѓу присутните кои го славеа овој огромен успех беше и неговиот брат, еден од нашите најдобри боксери, Ален Рустемовски. Силната поддршка од најблиските и запалените факли претставуваа посебен знак на почит за извонредниот резултат на младиот спортист кој уште еднаш потврди дека македонскиот бокс располага со огромен талент.

По напорните натпреварувачки денови во Црна Гора, Рустемовски се враќа дома со крената глава. На шампионатот во Будва тој се претстави во одлично светло, трасирајќи го својот пат сè до полуфиналната фаза. Иако неговиот поход кон големото финале беше запрен од британскиот репрезентативец Чарли Кит, освоената бронза останува исклучително значаен успех за младиот битолчанец, за неговиот матичен клуб и воопшто за македонскиот спорт.