Охрид подобар во дербито, прв пораз за Алкалоид

Ракометарите на Охрид по поразот од Вардар во минатото коло се вратија на победите со триумф во дербито со Алкалоид на свој терен со 26-24.

Избраниците на Борис Ројевиќ денеска беа подобар противник од тимот од Автокоманда кој водство имаше само кратко во првото полувреме, а останатиот дел помина со подобра игра на домашниот состав.

Алкалоид поведе со 7-4, но тука како да застана и во продолжение од првиот дел Охрид ја презема иницијативата, па на пауза замина со предност од четири гола 15-11. Подобрата игра на домаќините продолжија и во второто полувреме, па така стигнаа и до највисоки „плус шест“ (20-14).

Тука веќе стануваше јасно дека момците на Лазаров ќе мораат да се помират со поразот, па во финишот само го ублажија поразот. По петте победи од стартот на сезоната за Алкалоид, ова беше прв пораз, додека Охрид има четири победи и по едно реми и пораз.

Шампионот Вардар во истиот термин немаше проблеми и многу лесно ја оправда фаворитската улога славејќи против Струга со 33-24.

На останатите средби денеска, Прилеп славеше над Бутел со 29-27, Тиквеш дома го доби Мулти Есенс со 27-26, додека Младост и Пелистер 2 ремизираа 30-30.