Мрме ја победи Кина!

Игор Ангеловски запиша значајна победа на клупата на Таџикистан, откако неговата репрезентација со 1-0 ја совлада Кина во пријателски натпревар одигран во Чонгкинг.

Единствениот гол на натпреварот беше постигнат во 53. минута, кога Вахдат Ханонов го совлада кинескиот голман и му донесе водство на Таџикистан.

Само шест минути подоцна, ситуацијата на теренот дополнително се промени во корист на тимот на Ангеловски. Веи Шихао заработи втор жолт картон и Кина остана со десет фудбалери. Кинезите имаа поголем посед на топката и се обидуваа да стигнат до израмнување, но Таџикистан успеа дисциплинирано да го сочува минималното водство до крајот.

За Ангеловски ова е втора победа во петтиот натпревар како селектор, но многу важна во периодот на градење на репрезентацијата на Таџикистан. Македонскиот стратег ја презеде селекцијата со задача да создаде поконкурентен тим, а триумфот против Кина на нејзин терен е сигурно еден од позитивните резултати во досегашниот период.

Претходно, Таџикистан загуби од Азербејџан со 0-1, а потоа и од Палестина со 2-4, па победата над Кина доаѓа како добар одговор и прекин на серијата порази. Популарниот Мрме сега има уште една причина за задоволство – неговиот тим не само што ја совлада Кина, туку тоа го направи на нејзин терен и без примен гол.