Чупиќ: Со полна сала и добра енергија можеме до први бодови!

Двократниот европски шампион Вардар в четврток од 20:45 часот на домашен терен ја пречекува Висла Плоцк во рамките на третото коло од новата сезона во ракометната Лига на шампионите.

„Црвено-црните“ во првите две кола претрпеа два минимални порази, па против полскиот тим ќе атакуваат на првата победа и првите бодови во елитното натпреварување.

Тренерот Иван Чупиќ на прес-конференцијата пред натпреварот истакна дека Вардар го очекува исклучително тежок противник, но верува дека со вистинската енергија и поддршката од полните трибини неговиот тим може да стигне до позитивен резултат.

„Знаеме во каква група се наоѓаме и какви противници имаме. Ни доаѓа Висла, која е меѓу десетте најдобри екипи во Европа. Станува збор за тим кој долго време игра заедно и одлично се познава. Висла полека го презема приматот на најдобар тим во Полска. Добро ги анализиравме и верувам дека со добра енергија и полна сала можеме да дојдеме до позитивен резултат и да ги освоиме првите бодови во сезоната“, изјави Чупиќ.

Хрватскиот стратег не сака да зборува за притисок пред дуелот, нагласувајќи дека тој е составен дел од патот кон успехот.

„За притисок не можам да зборувам, бидејќи знаете дека мојот став е дека притисокот е привилегија. Не може без тешки денови и порази да стигнете до успех“, порача тренерот на Вардар.