Ќе има состанок: Португалците сакаат Роналдо да се врати

Португалскиот фудбалски сојуз не сака репрезентативната кариера на Кристијано Роналдо да заврши по конфликтот со селекторот Жорже Жезус и веќе подготвува нов обид за помирување на двете страни.

Според информациите од Шпанија, претседателот на Фудбалскиот сојуз на Португалија, Педро Проенса, има намера во текот на следната недела да организира средба со Роналдо, со согласност на капитенот на националниот тим.

Целта е да се расчисти сè што се случувало во изминатите денови и да се најде начин еден од најдобрите португалски фудбалери во историјата да се врати во репрезентацијата. Португалците сметаат дека 22-годишната репрезентативна кариера на Роналдо не би требало да заврши на ваков начин.

До конфликтот дојде по натпреварот против Норвешка, на кој Роналдо не одигра ниту една минута. Наводно Жесус претходно му кажал на Роналдо дека ќе добие одредена минутажа, а Португалецот дури и се загреваше во текот на натпреварот, но Жезус на крајот не го внесе во игра.

Во медиумите се пишуваше дека Жесус му се извинил на Роналдо и му ветил дека тоа ќе го направи и јавно на прес-конференција пред дуелот со Данска, сепак таму Жесус порача дека тој одлучува за составот што само дополнително го налути фудбалерот на Ал Наср кој веднаш го напушти тренинг-кампот.

Роналдо по заминувањето од репрезентацијата најави дека дополнително ќе објасни пред јавноста што точно се случило.

„Кога ќе дојде време, на сите ќе им ја кажам вистината за причините поради кои решив да заминам. Секогаш давав сè од себе за репрезентацијата. Сега му посакувам многу среќа на Португалија и на моите соиграчи, без исклучок“, порача Роналдо.

Засега официјално не е објавено кога ќе се одржи новата средба, но според информациите на шпанските медиуми, тоа би требало да се случи уште во текот на следната недела.

Ставот на претседателот на Сојузот е јасен, приказната на Роналдо со Португалија не би требало да заврши на аеродромот во Копенхаген.