Најскапиот кошаркарски дрес во историјата - 12,26 милиони долари
Станува збор за белиот дрес со број 23, кој легендарниот Џордан го носеше на натпреварот против Јута Џез на 7 јуни 1998 година. Чикаго Булс тогаш славеше убедливо со 96-54, а Џордан натпреварот го заврши со 24 поени, три скока, две асистенции, украдена топка и блокада.
Дресот беше понуден преку аукциската платформа JOOPITER, а конечната цена од 12,26 милиони долари го надмина претходниот рекорд, кој исто така му припаѓаше на Џордан. Неговиот дрес од првиот натпревар од истото финале во 2022 година беше продаден за 10,09 милиони долари.
Посебната вредност на овој предмет е поврзана со историскиот момент во кој бил носен. Сезоната 1997/98 беше последната сезона на Џордан со Чикаго Булс и остана запаметена како „Последниот танц“. Булс тогаш ја освоија шестата шампионска титула во осум сезони, откако во финалето ја совладаа Јута со 4-2. Дресот дополнително е редок затоа што, според информациите од аукцијата, станува збор за единствениот јавно познат бел дрес на Џордан од финалето во 1998 година кој се појавил на пазарот. На него се наоѓа и оригиналниот амблем од финалето, а неговата автентичност е потврдена со соодветна документација.
Иако постави нов рекорд во кошарката, дресот на Џордан не е најскапиот спортски дрес продаден на аукција. Тој рекорд го држи дресот на бејзбол-легендата Бејб Рут од 1932 година, кој во 2024 година достигна цена од 24,12 милиони долари. Сепак, уште еднаш се потврди колку голема колекционерска вредност имаат предметите поврзани со Мајкл Џордан и неговата последна шампионска сезона со Чикаго Булс.