Кошаркар во количка обвинет за 11 силувања - му се заканува доживотен затвор!

Ли Фраер (26), британски кошаркар во колички и освојувач на сребрен медал на Параолимписките игри во Париз пред две години, е обвинет за 11 случаи на силување, поради што се појави пред суд поради обвиненија за серија напади врз иста жена во период од пет години.

Покрај обвиненијата за силување, британскиот спортист се товари и за воајеризам, гушење, физички напад, како и контролирачко и присилувачко однесување за време на врската. Фраер првпат бил уапсен во јули, по што веднаш бил суспендиран од британската репрезентација, а дополнително е обвинет и за поседување кокаин и попречување на правдата. Наводните силувања се случиле во Шпанија, Јужноафриканската Република и Англија во периодот од мај 2021 година до оваа година, а доколку биде прогласен за виновен, му се заканува доживотна затворска казна.

По повод случајот се огласи и Британскиот сојуз за кошарка во колички, потврдувајќи дека спортистот е отстранет од сите репрезентативни активности.

„Запознаени сме со кривичните обвиненија против Ли Фраер и свесни сме за сериозноста на наводите. Во моментот на апсењето тој беше исклучен од програмата на британската репрезентација и од сите активности на Сојузот до завршување на истрагата што ја спроведуваат надлежните органи. Бидејќи кривичната постапка е во тек, би било несоодветно во овој момент да даваме дополнителни коментари“, соопштија од Сојузот.

Фраер, кој во февруари стана татко, пред судот се изјасни дека не е виновен по сите точки од обвинението. Почетокот на судењето е закажан за 22 март следната година, а тој дотогаш ќе остане во притвор. Инаку, Фраер, на кого му недостасуваат двете нозе, се занимава со кошарка во колички уште од школските денови и во кариерата настапуваше за клубовите Вејкфилд Вирлвиндс и Шефилд Стилерс од Јоркшир. На Параолимписките игри во Париз пред две години го оствари најголемиот успех, освојувајќи го сребрениот медал по поразот на Велика Британија од САД во финалето, што беше најдобар резултат на селекцијата во последните 28 години.