Тенисер испратен на подолго „ладење“ поради - продавање гемови и уплаќање ливчиња!
Тој на еден натпревар во двојки на Светската тениска турнеја пред две години намерно загубил гем на свој сервис со цел да олесни обложување на тој меч. Покрај тоа, тој не пријавил дека му било понудено местење на натпревар. Пред истражителите на ИТИА, 25-годишниот Колумбиец признал и дека во периодот од септември 2020 до септември 2021 година дури 138 пати се обложувал на професионални тениски мечеви, што е строго забрането за активните тенисери.
Салазар не ги оспорил обвиненијата, со што практично ги признал прекршоците. Неговата суспензија започна на 11 ноември и ќе трае до 10 мај 2028 година, а дополнително е казнет и со парична глоба од 10.000 долари, од кои 3.000 долари се условни. Инаку, Салазар токму овој месец го оствари најдобриот пласман во кариерата, искачувајќи се на 648. место на светската АТП-листа во поединечна конкуренција.
Во истото соопштение, ИТИА информираше дека привремено е суспендиран и Марк Верворт, бидејќи не соработувал во истрага за корупција и одбил да дозволи преглед на неговиот телефон. Привремена суспензија доби и 20-годишната Аргентинка Валентина Роси, во чиј примерок биле пронајдени метаболити од забранетата супстанција станозолол.