Битола на нозе: Пелистер оди на „сè или ништо“ против непоразениот Гдањск!

Ракометарите на Пелистер вечерва ги очекува исклучително важен натпревар во борбата за продолжување на европската сезона, откако на домашен терен ќе го пречекаат полскиот Вибжеже Гдањск (18.45 часот) во меч од 5. коло од групата Г во Европската лига на ЕХФ.

Битолчани досега имаат освоено три бода и сè уште се во игра за едно од првите две места кои водат во плејоф-фазата, но просторот за нови киксови е сведен на минимум. На две кола до крајот на групната фаза, за македонскиот претставник нема простор за калкулации и победата се наметнува како императив за останување во трката за европска пролет. Задачата нема да биде нималку лесна, бидејќи Гдањск пристигнува во Битола како едно од најпријатните изненадувања во натпреварувањето. Полскиот состав има шест бода и сè уште не знае за пораз, откако забележа победи над Гумерсбах и Ла Риоха, а ремизираше со шпанскиот тим и со Пелистер. Дополнителен мотив за гостите е фактот што и со реми или победа во Битола и официјално ќе го обезбедат пласманот во следната фаза.

Избраниците на Лино Червар, пак, веќе покажаа дека можат рамноправно да се носат со полскиот ривал, откако на првиот дуел во Гдањск одиграа нерешено (31-31), натпревар на кој битолчани во еден момент имаа и пет гола предност, а Филип Кузмановски блесна со дури 15 постигнати погодоци. Дополнително охрабрување за „зелено-белите“ е и триумфот во последното европско коло против германскиот Гумерсбах (29-28), како и поддршката од домашната публика во „Боро Чурлевски“, која се очекува да биде значаен адут во обидот да се освојат клучните бодови.