Го нарекуваа турскиот Меси, а сега на само 29 години ја прекинува кариерата!

Поранешниот офанзивец на Борусија Дортмунд и турски репрезентативец, Емре Мор, на 29-годишна возраст на неодредено време ја прекинува професионалната фудбалска кариера.

Холандскиот прволигаш НЕЦ Нејмиген вчера соопшти дека веднаш ја прекинува соработката со него, а договорот кој беше склучен минатото лето со важност до 2028 година е спогодбено раскинат поради здравствените проблеми на фудбалерот. Мор ѝ се обрати на јавноста со емотивна порака на Инстаграм, каде што го следат 3,4 милиони луѓе, истакнувајќи дека уште од детството сонувал да стане професионален фудбалер и дека тој сон му значел сè во животот.

„Понекогаш животот те принудува на одлуки за кои твоето срце сè уште не е подготвено. Откако со години се борев со здравствени проблеми, донесов тешка одлука засега да се повлечам од професионалниот фудбал. Моето срце и понатаму сака да игра, но телото ми зборува дека во овој момент му треба нешто друго. Болно е да се простиш од нешто што си го сакал целиот живот. Сепак, сега мојата благосостојба мора да биде на прво место. Ова не е збогување какво што замислував. Се надевам дека ова воопшто не е збогување“, порача Мор, додавајќи дека не знае што носи иднината, но се надева на враќање на теренот.

Турскиот интернационалец пристигна во НЕЦ Нејмиген минатото лето како слободен играч по заминувањето од Фенербахче, со цел да ја оживее кариерата. Потпиша двегодишен договор, но одигра само седум официјални натпревари, на кои забележа еден гол и една асистенција. Последниот настап го имаше на 12 септември во поразот од Камбур (0-3), а тренерот Дик Шројдер претходно зборуваше за проблеми со неговата физичка подготвеност, иако точните медицински причини за повлекувањето не се објавени.

На почетокот на кариерата од Мор се очекуваше многу – Борусија Дортмунд во 2016 година го доведе како 18-годишник од дански Нордсјеланд за околу 10 милиони евра, а поради извонредната техника и дриблингот го доби прекарот „турскиот Меси“. Во својата единствена сезона во Дортмунд одигра 19 официјални меча и постигна еден погодок, а веќе во летото 2017 година премина во шпанска Селта Виго за околу 13 милиони евра. Подоцна настапуваше и за Галатасарај, Олимпијакос, Фатих Караѓумрук и Фенербахче, но во ниту еден клуб не успеа целосно да го реализира потенцијалот што му се предвидуваше.