Луд расплет на Гулф купот: Судбината на Ирак и Оман се решаваше во - хотелска соба!

Досега невиден расплет се случи во рамките на групната фаза на 27. издание на Гулф купот во Саудиска Арабија, каде што патникот во полуфиналето мораше да биде одлучен дури преку - ждрепка.

Репрезентациите на Оман и Ирак одиграа луда завршница во своите групи, завршувајќи апсолутно израмнети според сите можни фудбалски и дисциплински критериуми, по што спортската среќа при извлекувањето пресуди во корист на оманскиот национален тим.

Драмата го достигна врв за време на одигрувањето на последните натпревари, во кои Оман со пресврт го совлада Кувајт (3-1), додека Ирак загуби од домаќинот Саудиска Арабија (0-2). Со овие резултати, двете селекции завршија со по четири освоени бода. Бидејќи нивниот меѓусебен дуел претходно заврши без победник (1-1), а двете екипи имаа идентична вкупна гол-разлика и ист број на постигнати погодоци, одлуката мораше да падне на фер-плеј критериумот.

Во делот на дисциплинските мерки имаше минимална разлика, сè до самиот финиш од натпреварот помеѓу Оман и Кувајт. Клучниот момент се случи во 84. минута кога Мусаб Ал Шакси го постигна третиот погодок за својата репрезентација и во еуфорија го соблече дресот. Главниот судија очекувано му покажа жолт картон, потег кој се покажа како историски бидејќи токму со таа јавна опомена Оман се израмни со Ирак според бројот на казнени картони.

Без ниеден преостанат фудбалски параметар за одвојување, организаторите беа принудени да организираат ждрепка во хотел во Џеда. Во оваа фудбалска лотарија среќата им се насмевна на Оманците, кои така се пласираа во полуфиналето, каде што ќе ги одмерат силите со Саудиска Арабија, оставајќи го разочараниот Ирак предвреме да го заврши својот настап на турнирот.