Легенда на Ливерпул удри по Сити: Историјата ќе ги памети како - измамници!
Според последните информации, „граѓаните“ биле прогласени за виновни по дури 114 од вкупно 115 точки на обвинението за прекршување на строгите финансиски правила на Премиер лигата, а евентуалните ригорозни санкции за клубот од „Етихад“ допрва треба да бидат официјално одредени. Славниот Шкотланѓанец е дециден дека ваквиот развој на настаните фрла огромна дамка врз сите досегашни успеси на тимот предводен од Пеп Гвардиола, истакнувајќи дека јавноста веќе има изградено јасен став за нивното работење.
„Наследството е избришано. Доколку работите тргнат во погрешна насока за нив, тие ќе останат запаметени во историјата исклучиво како измамници и сè што направиле и освоиле во текот на тој период не би требало воопшто да се брои и да важи“, изјави Сунес, коментирајќи го евентуалниот исход од „судењето на векот“ во англискиот фудбал.
Анализирајќи ги можните последици, Сунес нагласи дека при евентуално одземање на шампионските титули логично ќе се наметне прашањето дали тие трофеи треба да им бидат доделени на екипите кои во тие сезони завршувале на второто место. Во тој контекст, тој директно го посочи токму својот Ливерпул како клуб кој би можел да има легитимни претензии за добивање на две дополнителни титули од Премиер лигата на зелена маса. Што се однесува до казната, тој смета дека финансиските пенали нема да имаат никаков ефект врз богатите сопственици и дека исфрлањето во понизок ранг е единствената логична опција.
„За нив парите воопшто не претставуваат проблем, така што каква било финансиска глоба да добијат, таа ќе биде само обична гребнатинка на површината“, додаде поранешниот менаџер, предупредувајќи дека евентуалното исфрлање на Сити од елитата би имало сериозни последици за англискиот фудбал.