Ѓоковиќ подготвен за освојување на Пекинг: Не сум дојден за уживање - на теренот сум воин!

Српскиот тенисер, Новак Ѓоковиќ, е подготвен за настапот на турнирот во Пекинг, враќајќи се во градот каде што има статус на спортско божество, со оглед што во кинеската престолнина пристигнува со перфектен историски биланс од 29 победи без ниту еден претрпен пораз.

Најдобриот на сите времиња го освои победничкиот пехар во сите негови шест досегашни учества (2009, 2010, 2012, 2013, 2014 и 2015 година), а походот кон седматата титула на терените на Националниот тениски центар ќе го започне против Португалецот Нуно Боржеш. Ѓоковиќ на официјалната прес-конференција не го криеше задоволството од враќањето во Кина, нагласувајќи дека неговото тело одлично реагира на подготовките.

„Засега се чувствувам добро кога станува збор за телото. Очигледно е поинаку кога играте официјален натпревар во споредба со тренирањето и играњето сетови на тренинг. Но, засега сè е добро. Ме радува доаѓањето во Кина, секогаш било така. Моите резултати на кинеско тло и рекордот во Пекинг доволно зборуваат. Знаејќи го тоа, ја добивам и таа дополнителна димензија на самодоверба која навистина ми е потребна“, изјави Ѓоковиќ.

Српскиот ас откри дека враќањето во Пекинг по повеќе од една деценија било еден од неговите главни приоритети за оваа натпреварувачка сезона, пред сè поради неверојатната поврзаност со локалната публика.

„Овде немам играно 11 години. Се трудев изминатите години распоредот да функционира, но беше така што можев да играм само во Шангај. Оваа година Пекинг е на листата на приоритети и среќен сум што сум тука. Има сјајна поддршка и атмосфера. И на тренинзите и на мечевите се чувствува многу љубов од кинеските тениски навивачи.“

И покрај годините и променетиот статус, неговиот натпреварувачки мотив останува непроменет. Тој потенцираше дека не игра турнири само за да ја забавува публиката, туку исклучиво за да победува и да стигне до самиот крај, задржувајќи го својот препознатлив менталитет.

„Никогаш не се работи само за уживање. Би можел да играм егзибиции ако сакам да ја задоволам публиката. Секогаш имам високи очекувања од себе и не можам да се задоволам со победи во почетните кола. Секогаш стремам кон завршницата на турнирот, каде и да играм. Кога сте на теренот, вие сте воин и натпреварувач. Не сакате да загубите, се трудите да направите сè што можете. Добрата работа во тенисот е што секогаш имате нова прилика. Шоуто мора да продолжи. Вртите нова страница, се ресетирате и го давате најдоброто на следниот турнир“, заклучи Ѓоковиќ.

Турнирот во Пекинг започнува на 30 септември и ќе трае до 6 октомври.