Ирците одбија ракување со Израелците пред натпреварот во Лигата на нации (ВИДЕО)
Одлуката беше дел од договорените мерки на ирската репрезентација по неколкудневната дебата околу настапот против Израел. Ирските фудбалери на теренот излегоа и со црни ленти на рацете, во знак на сеќавање на жртвите во конфликтот во Газа.
Во пресрет на натпреварот, играчите на Ирска не учествуваа во дел од вообичаената церемонија, меѓу кои и традиционалното ракување со противничките фудбалери и размената на знаменца меѓу капитените. Ирскиот фудбалски сојуз претходно потврди дека овие чекори се договорени од страна на репрезентативците. Пред натпреварот, ирските играчи беа забележани и со наведнати глави за време на изведувањето на израелската химна.
Целиот натпревар беше проследен со политички и безбедносни тензии. Ирска претходно побара од УЕФА да ја разгледа можноста Израел да биде суспендиран од меѓународните натпреварувања, но барањето не беше прифатено. Дополнително, ирскиот голман Гевин Базуну одлучи да не настапи во натпреварите против Израел. Тој ја објасни одлуката како прашање на личен принцип, додека останатите репрезентативци по интерно гласање решија да го одиграат натпреварот.
Реваншот меѓу Ирска и Израел е закажан за 4 октомври, а поради безбедносната ситуација ќе се игра во Бачка Топола, Србија, без присуство на публика.